"Побожен" стил

 

Некои христијани сакаат да се облекуваат многу скромно. Жените носат долги здолништа, носат шамии во и надвор од црквата, мажите носат џубе додека пеат. И тоа е сосема во ред.

Некои христијани сакаат приватно да слушаат духовна музика, да читаат монашки дела, често да посетуваат некој манастир. И тоа е во ред.

Некои христијани не се шегуваат на социјалните мрежи, особено со појавувањата во Црквата. Не одат на пливање во лето, не излегуваат со пријателите на пијалок, не пеат со тамбураши. И тоа е сосема во ред.

Но, не мора сите да бидеме како нив. Ниту, пак, отстапувањето од тој модел на однесување значи дека јас сум помалку христијанин, а тие поголеми христијани. Се зависи до темпераментот, карактерот, навиките, а не до верата.

Не мора сите христијани да носат џубе, ниту сите христијанки да носат здолништа до земја, не мора секој приватно да слуша духовна музика и да чита „Старечник“, не мораат сите да се однесуваат според споменатите модели, како да се зададени и обврзувачки. Затоа што ако тоа беше случај, ние ќе бевме секта, а не Црква.

Луѓето во Црквата треба да се оттргнат од идејата дека постои некој „побожен стил“ на однесување и живеење. Навистина, луѓето живеат како Бог да е со нив, или како да нема Бог, но стандардите за одредување на тоа не се она што многумина го замислуваат. На крајот на краиштата, Бог е тој што одредува дали човекот греши или не, врз основа на познавањето на човечкото срце и дела. Јанко или Марко нема да одредат дали Перо греши или не, врз основа на неговото отстапување од некаков „црковен“ стил.

Како момче, ми пречеше тоа сместување во рамки и категории. Така, се претпоставуваше дека ако слушаш хеви метал, мора да имаш долга коса и искинати фармерки. Ако слушаш панк, мора да бидеш ќелав и да носиш црно. Ако слушаш турбо фолк, мора да облечеш тренерка и златен ланец. Со текот на времето создадоа некаков „побожен“ стил. Ако си побожен, според нив, треба да бидеш тих, да одиш и да се движиш се побавно, „слава на Бога“ да ти биде узречица, да имаш неколку бројаници, да ја сакаш Дивна Љубојевиќ и да имаш цел иконостас во твојата куќа.

Ма немој.

Мојата вера извира од мојот однос спрема Бог и ближниот. Тој однос зависи од тоа што го носам во себе, од тоа кој сум и каков сум. И никој никогаш нема да го промени она што Бог ми го дал да бидам. Секој од нас има одредени дарови, интереси, секој од нас ита кон она како што трепери неговата душа. Ова е така со причина, и не треба да се менува. Се разбира, треба да се бега од гревот, но проблемот е во тоа што некои „суперхристијани“ веруваат дека се што отстапува од „побожниот“ стил е погрешен правец и грев.

Тоа ме потсетува на едно момче кое го запознав во Апатин на свирка. Тој ми кажа како бил претепан затоа што имал црвени врвки на мартинките. Тоа отстапувало од тој панк стил и одело во емо стил. А јас дојдов на таа свирка во бела маица! Дојдов за музика, а не за мода. Дојдов поради тој трепет на душата.

Така се случува луѓето да доаѓаат во Црквата за да му пријдат на Бога, а другите ги убедуваат дека начинот на пристап кон Него е ако се откажат од сите свои желби, навики, стил и се претворат како нив, во нивни советници “, суперхристијани ". И тогаш не е чудно што нема толку многу млади луѓе во Црквата, други ги убедуваат дека се безвредни затоа што не се како нив.

Исто така се запознав и со добродушно, музички талентирано момче кое беше тетовирано и облечено како рокер. Околу звукот на неговата акустична гитара, спонтано се собра едно мало друштво. Низ приказната дознав дека редовно го чита Апостолот во црквата.

Како заклучок, можете да слушате панк или техно и да бидете христијанин; ако сте жена, можете да носите панталони и да бидете христијанка. Ако сте со жив темперамент, бидете и понатака, само свртете се кон Христа. Не е грев да се слуша гласна музика, туку да се биде насилен; не е грев да се биде гласен, туку да се повреди човек; не е грев да се шегуваш, туку да се потсмеваш, итн.

И повторно, ако сме грешници (а сме), толку побрзо треба да се приближиме до Црквата, толку побрзо треба да побрзаме да се промениме. Но, тогаш не треба да се менува стилот, туку суштината; не треба да се менува модата, туку душата; не треба да станеме некој друг, туку да се принесеме себе на Бога, за да не направи Он нови луѓе со Неговата благодат. Не треба да се преправаме дека сме нешто што не сме, туку да станеме она што отсекогаш сме требале да бидеме. Ако животот ме научил на нешто, и Добриот Бог ме насочува кон нешто, тоа е дека не треба да се лажам себеси ни другите.

Јасно е, повторно, дека постојат некои ограничувања, и дека, на пример, нема целосно непримерно да влеземе во храмот Божји, ниту пак да се обидуваме да провоцираме со нашиот „стил“ - заради провокација. Во време кога е нагласена слободата, христијанството повторува дека личната слобода сепак има граници и дека е тесно поврзана со личната одговорност и обзир спрема ближните, но и со почитување на Христовите зборови. Но, тоа е тема за себе која треба да има посебна обработка во иднина.

Еден познаник добро ме опиша, велејќи дека сум „Поп меѓу панкерите и панкер меѓу поповите“. И тоа е навистина така, се обидувам да ја објаснам потребата за поголема слобода во живата, активна вера, но и потреба за самоконтрола и цврстата вера во (пре) големата слобода.

Христос им пријде на сите отфрлени и беспомошни: сиромашните, бездомниците, болните, лудите, демоноопседнатите, блудниците. Искрено се сомневам дека им кажувал за начинот на кој треба да стојат во храмот, каква храна треба да јадат кога постат и каква облека треба да носат. Тоа го објаснуваа оние што го распнаа Христа. Тој се занимаваше со суштината. Тој ги сакаше.

Некои христијани се разликуваат од она што светот замислува дека треба да бидат.

И тоа е сосема во ред.

Ако вашата вера е чиста и живеете според Христа, не дозволувајте никој да ве убеди во спротивното. Сосем е во ред. Да бидеме автентични, такви Бог не сака.

(Марко Радаковиќ)

Превод: Ана Јанева



 

Коментари