Не прави си себеси идол од духовникот


Низ историјата на Црквата, одредени личности се истакнувале со својата харизма, со љубовта, со теолошките вештини и воопшто со нивното делување. Спонтано и природно народот на таквите личности им покажувал љубов и почит, а Црквата некои од нив ги канонизирала како Светци. И тоа е во ред. Она што, ми се чини, може да биде проблем, е изразената почит кон истакната црковна личност без здрав црковен етос. Тогаш, од црковните личности често се прават идоли.

Во модерното време, скоро и да ја нема границата помеѓу почитувањето на популарна личност на Црквата и некој популарен пејач, актер, спортист итн. Со самото тоа што овде може да добие уште поистакнат религиозен карактер - многумина кои површно го познаваат Православието можат многу лесно да видат „мал бог“ во популарна духовна личност. Едно е кога делата на некој теолог со задоволство се читаат, духовникот на богослужбите и надвор од нив е со задоволство слушан и/или е многу гледан на Интернет; а сосема друго кога се започнува нездрав култ на личноста. Своевремено, апостолите Петар и Павле мораа да ги помируваат христијаните кои што беа поделени меѓу себе на следбеници на едниот и следбеници на другиот! Ова не е нова појава, постои уште од почетоците на христијанството и често се одвива независно од волјата на духовното лице.

Нема ништо лошо во тоа да ни се допаѓа нечиј стил на зборување или начинот на богослужење и исповед. На човекот му требаат добри учители. Но, лошо е ако на овие луѓе им дадеме повеќе отколку што заслужуваат, повеќе отколку што им дал Господ и тие умножиле. Лошо е ако околу нив создаваме легенди и митови, желни за натприродното и силно сега и овде. Лошо е ако ја занемариме сопствената парохија и луѓето до нас за да можеме како некои обожаватели да одиме кај „поголемите духовници“ за да не спасат.

„Не прави идол или слика“ е заповед која што многумина, убедени дека го прават спротивното, ја кршат без да забележат. Духовните лица треба да се почитуваат и сакаат, но не треба да заборавиме дека тие се луѓе и ништо повеќе. Дури и ако се живи Светци, и Светците се само луѓе. На крајот на краиштата, сите ние сме свети, еве на секоја Литургија се објавува „Светињите на Светите“. Како би бил поубав светот кога би имале појасна свест дека секоја личност што ќе ја сретнеме е веројатно света. И оние кои најмногу се уподобиле на Бога, оние кои што сме ги канонизирале, и чии што имиња топло ги шепотиме и извикуваме во молитвите – па самите тие не би сакале пред нас да го гледаме нивниот, туку Божјиот лик. Први тие не би сакале почесто да се споменува нивното име, туку името Божјо. Кога човек ќе развие здрава литургиска свест, тој многу лесно може да ги разликува побожното почитување и љубовта кон Светите од идолопоклонство. А особено не навлегува во идолатрија кон свештенослужителите. Значи, да ги почитуваме и сакаме свештенослужителите, но да не правиме гуруа од нив.

Постојат и денес славни духовници, но и меѓу славите треба да се прави разлика. Во ова време кога сите би сакале да бидат ѕвезди 15 минути, не треба да се стремиме кон човечка слава. Колку е човекот поблиску до Бога, толку повеќе е свесен колку е мал. Затоа што тој сè повеќе ја гледа големината Божја. И тогаш човекот само сака, само копнее, славата Божја сè повеќе да се појавува и да блеска, а тој во неа да се намалува.

Е̲д̲н̲о̲ е̲ к̲о̲г̲а̲ л̲у̲ѓ̲е̲т̲о̲ г̲о̲ с̲л̲а̲в̲а̲т̲ ч̲о̲в̲е̲к̲о̲т̲ с̲о̲ с̲в̲о̲ј̲а̲т̲а̲ ч̲о̲в̲е̲ч̲к̲а̲ с̲л̲а̲в̲а̲,̲ а̲ д̲р̲у̲г̲о̲ е̲ к̲о̲г̲а̲ Б̲о̲г̲ г̲о̲ п̲р̲о̲с̲л̲а̲в̲у̲в̲а̲ ч̲о̲в̲е̲к̲о̲т̲ с̲о̲ С̲в̲о̲ј̲а̲т̲а̲ с̲л̲а̲в̲а̲.

Човечката слава е минлива, кратка, илузорна, трае колку изговорениот збор, колку блицот на камерата. Таа слава нема вистинска трага, дури ни вистинско значење. Суета над суетите. Си поигрува со вистината и лагите, создадени од сензација и емоции и често голта живи луѓе. Славата Божја е бесконечна, постојана, полнота на сè прекрасно, вечното траење на смислата. Сè убаво и се добро што сме го доживеале е само призрак или навестување на Славата Божја. Сета убавина во созданието, се што е мило на нашите сетила, е само икона на вечната Божја Слава. Да пристапиме кон Славата Божја и да бегаме од славата на човекот. Луѓето ја препознаваат Славата Божја која се пројавува и преку луѓето, и литургиски ѝ пристапуваат .

Проблемот е кога луѓето ја гледаат славата Божја таму каде што, навистина и ја нема. И тие мислат дека му служат на Бог додека ги топат и ги спојуваат своите мисли, зборови и дела во ново златно теле. Само што денес тоа често го има ликот на некој духовник.

Но, сепак е златно теле.

(превод: Бруно Пресилски)



Коментари